Најмалку три лица загинале, а 12 се повредени кога руски дрон погодил минибус во Никопољ, во Дњепропетровска област, на југот од Украина, соопшти денеска началникот на Дњепропетровската областна воена администрација, Олександар Ханза.
- Тројца луѓе загинаа, а уште 12 се повредени. Непријателот со FPV дрон го нападна градскиот автобус во самиот центар на Никопољ – напиша Ханза на каналот Телеграм, пренесува Ukrinform.
Автобусот се приближувал кон станицата, а во возилото имало патници, како и на самата станица.
- Овој напад не беше случаен. Ова е свесен терор против цивилите. Против луѓе кои едноставно патувале по свои обврски – истакна Ханза.
Спасени седум лица Министерот за внатрешни работи на Украина, Игор Клименко, напиша на Телеграм дека по утринскиот напад до сега се спасени седум лица.
- Брутален напад на цивилен јавен превоз. Тројца загинаа, а уште 12 се повредени. Од првите моменти на местото на настанот работат спасувачи. Заедно со медицинските екипи успеаа да извлечат и спасат седум лица – нагласи тој.
Клименко истакна дека службите на Министерството за внатрешни работи прават сè за да спасат секого кој има потреба од помош.
„Русија намерно ги гаѓа цивилите“ Тој посочи дека Русија намерно ги гаѓа цивилите и дека тоа не е случајност, туку тактика – свесни напади врз мирното население.
Истражните органи документарно ги бележат сите такви случаи.










