„Сè што ни треба за да преживееме е парче леб и малку вода. Едвај стоиме на нозе, но нема да си одиме. Не сега, кога луѓето најмногу имаат потреба од нас“, изјави за хрватскиот портал 24sata доктор од Газа, чие семејство живее во Хрватска и секојдневно се моли за неговиот живот.
Во последните денови од јули, додека светот полека ја согледува вистинската тежина на хуманитарната катастрофа во Појасот Газа, медицинските работници остануваат последниот бедем на надеж. Во болници без струја, без лекови и со празни магацини, тие секојдневно го гледаат најлошото – гладни деца кои умираат во нивните раце.
„Нема лекови, нема храна, нема основни ресурси. Децата ни умираат од глад. И најстрашното е – веќе не можеме да направиме ништо“, вели докторот.
Медицинските тимови се исцрпени, дехидрирани и гладни – но не се откажуваат. Многумина од нив со денови не јаделе вистински оброк. „Ако се скршиме ние, кој ќе остане?“, прашува докторот со болка.
Во меѓувреме, ОН, хуманитарни организации и земји како Велика Британија, Франција и Германија апелираат до Израел итно да ја отвори хуманитарната помош. Но, влезот на храна и лекови останува ограничен.
Според податоци на Министерството за здравство под контрола на Хамас, само вчера починале девет лица од неухранетост, со што вкупната бројка на жртви на глад од почетокот на војната се искачи на 122 – од кои најмалку 83 се деца.
Светската програма за храна на ОН (WFP) предупредува дека ситуацијата е критична: една третина од жителите на Газа не јаделе со денови, а 90.000 деца и жени имаат итна потреба од третман за тешка неухранетост.
„Кризата достигна застрашувачки размери. Гладот се шири со неподносливо темпо“, предупредуваат од WFP. Иако повеќе од 22.000 тони храна се доставени од мај, тоа е само капка во океанот потреби на над два милиони жители.
ОН го оценија најавеното воздушно доставување на помош како „ПР трик“ и симболичен чин, а не вистинско решение.
Израел, пак, тврди дека Хамас ја краде помошта, поради што е создадена нова платформа за дистрибуција – Хуманитарната Фондација Газа (GHF). Но, додека политичките тврдења се множат, реалноста останува сурова.
Во срцето на таа реалност се лекарите кои останаа – исцрпени, гладни и на работ на силите. „Не знам уште колку ќе издржиме. Не се сеќавам кога последен пат се чувствував сит. Но, децата нè гледаат со надеж. Не можеме да си одиме. Не можеме. Газа не бара милостина – Газа бара право на живот“, завршува докторот од Газа.