По една година од преземањето на власта, Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ ги истакнува првите резултати во здравствениот сектор, кој според нив бил еден од најзапоставените во претходниот период.
Од партијата информираат дека започнал процес на консолидација на јавните здравствени установи низ државата, што вклучува намалување на наследените долгови и екипирање со неопходен здравствен кадар.
Според ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ оставила здравствениот систем во колапс, со големи долгови и недостиг на медицински персонал. Новите раководства, со поддршка на институциите, почнале со домаќинско управување и финансиска стабилизација.
Во изминатиот месец се реализирани или се во завршна фаза над 950 нови вработувања во здравството, вклучувајќи лекари, медицински сестри, лаборанти, болничари, психолози, техничари, хигиеничари и друг кадар.
Активно се вработуваат здравствени работници во болниците во Прилеп, Тетово, Штип, Битола и Охрид. Во Прилеп, на пример, долгот на болницата е намален од 200 на 109 милиони денари, а во тек е постапка за вработување на 120 здравствени работници, вклучувајќи и 21 доктор.
Во тетовската Клиничка болница по долг период е објавен конкурс за трајни вработувања на 119 медицински кадри, а наскоро ќе следува и оглас за административен персонал.
Во Битола започнала постапка за вработување на десет приватни специјализанти, додека во охридската болница седум специјализанти веќе се вклучени во работа.
ВМРО-ДПМНЕ потенцира дека консолидирањето на здравствените институции и зајакнувањето на човечките ресурси се клучни делови од стратегијата за унапредување на здравствениот систем и дека темелите полека се поставуваат.