Голем пресврт во германската индустрија – еден од водечките производители на логистичка опрема, Jungheinrich AG, најави затворање на својот производствен погон во Линебург до март 2027 година.
Според планот, околу 160 вработени во овој град ќе останат без работа, додека на национално ниво се предвидува укинување на приближно 500 работни места. На глобално ниво, бројката достигнува околу 1.000 позиции како дел од пошироката стратегија за реструктуирање.
Одлуката предизвика силни реакции бидејќи компанијата не се соочува со загуби. Напротив, финансиските извештаи покажуваат стотици милиони евра профит и приходи во милијарди. Менаџментот тврди дека потегот е дел од долгорочна стратегија за зголемување на конкурентноста и поедноставување на структурата, со амбициозна цел за дополнителен раст до крајот на деценијата.
Но синдикатот IG Metall остро реагираше, оценувајќи дека станува збор за затворање профитабилно производство. Следуваше долг штрајк, еден од подолгите во регионот, а работниците јавно го поставија прашањето – ако ни профитот не гарантира стабилност, што тогаш гарантира?
По интензивни преговори е постигнат договор за социјален пакет, кој вклучува отпремнини и програми за преквалификација.
Случајот отвора поширока дилема за иднината на германскиот индустриски модел и променетата логика на корпоративното управување во време на глобална конкуренција.

















