Европскиот советодавен одбор за климатски промени предупреди дека Европа мора да се подготви за глобално затоплување од 2,8 до 3,3 степени Целзиусови до крајот на векот, нагласувајќи дека континентот веќе ја плаќа цената на „недоволната подготвеност“.
Членот на одборот и генерален директор на Кралскиот холандски метеоролошки институт, Мартен ван Алст, изјави дека прилагодувањето на поекстремни температури не е „ракетна наука“ и може да се постигне преку подобро разбирање на ризиците и унапредување на системите за рано предупредување, пренесува „Гардијан“.
Во извештајот се наведува дека сегашните напори за адаптација на климатските промени доаѓаат предоцна и најчесто се постепени и недоволни. Порастот на температурата од околу три степени би бил двојно поголем од целта договорена со Парискиот договор од 2015 година.
Одборот препорачува спроведување стрес-тестови за уште потопли сценарија и интегрирање на отпорноста на климатските промени во сите политики на Европската унија, со дополнителни инвестиции, вклучително и приватни средства.
Европа веќе ги чувствува последиците од екстремните временски појави, меѓу кои смртоносните поплави во германската долина Ар во 2021 година, катастрофалните поплави во шпанска Валенсија во 2024 година, летните топлотни бранови и минатогодишните шумски пожари.
Ван Алст предупреди дека границите на адаптација за многу ризици се сѐ поблиску. Одборот порачува дека е клучно да се спречи сценарио со толку високо глобално затоплување, бидејќи последиците врз јавното здравје, инфраструктурата и економијата на Европа би биле сериозни.

















