Стотици бродови во стратегискиот Ормуски теснец, една од најважните светски поморски рути за извоз на нафта, одеднаш се појавиле на „погрешни“ локации на навигациските карти, а некои дури и на копно. Причината не е дефект на системот, туку масовно блокирање на GPS сигналот, кое создава сериозен ризик од судири и поморски несреќи.
Мишел Визе Бокман, аналитичар за поморска безбедност, забележала десетици „совршени кругови“ од бродови на картата, што е невозможно во реалноста и укажува на електронско мешање на GPS сигналот.
Експертите предупредуваат дека станува збор за нов вид војна со електромагнетни бранови, кој може да ги парализира навигациските и безбедносните системи на бродовите. Овој феномен, познат како блокирање, претходно се случувал и во Европа, но сега достигнува ново ниво во Персискиот Залив.
Системот AIS, кој ги следи позициите на бродовите за да избегне судири, е директно погоден. Големите танкери, со должина до 300 метри и носивост од стотици илјади тони нафта, не можат брзо да го менуваат курсот, што значително го зголемува ризикот од катастрофални несреќи.
Алан Вудворд од Универзитетот во Сари истакнува: „Проблемот е што не знаете каде одите и каде одат сите други бродови“.
Се претпоставува дека зад блокирањето може да стои Иран, кој претходно се заканувал дека ќе нападне бродови што поминуваат низ Ормускиот теснец. Во меѓувреме, регионот е погоден од нови напади врз цели во Ирак, Бахреин и Оман, предизвикувајќи пожари во енергетски објекти и пристаништа.
Овој инцидент ја става под голем знак прашалник безбедноста на најважната светска рута за транспорт на нафта и ја нагласува опасноста од електронските закани во современите конфликти.


















