Руското Министерство за надворешни работи издаде официјално предупредување до своите граѓани да избегнуваат непотребни патувања во Германија, поради, како што наведуваат, растечката непријателска атмосфера и сомнеж со кој се соочуваат Русите таму. Информацијата ја објави „Киев пост“.
Портпаролката на министерството, Марија Захарова, нагласи дека секој Русин на германска територија, без разлика дали живее трајно или привремено, се соочува со недоверба и потенцијален произволен третман. Таа советува внимателно да се процени неопходноста од патување и да се следат официјалните упатства.
Ова предупредување доаѓа во контекст на пошироките ограничувања за патувања на Русите во многу земји од Европската Унија, воведени по почетокот на руската инвазија на Украина во 2022 година. Неколку членки на ЕУ веќе ја суспендираа или заострија визната политика за Русите, додека Финска и балтичките држави воведоа ограничувања на границите со безбедносни и политички оправдувања.
И покрај овие ограничувања, Германија останува една од главните дестинации за Русите со важечки визи, дозволи за престој, семејни врски или за хуманитарни цели, но руската страна сега апелира за зголемено внимание и претпазливост.


















