Иранската револуционерна гарда соопшти дека клучниот морски премин Ормускиот Теснец ќе остане затворен и во наредниот период, во согласност со насоките на новиот врховен верски водач Моџтаба Хамнеи. Според иранските власти, оваа мерка ќе продолжи додека траат нападите врз Иран.
Командантот на морнаричките сили на Револуционерната гарда, адмирал Али Реза Тенгисири, изјави дека иранските сили ќе ги продолжат операциите против непријателите и дека стратегијата за блокирање на теснецот ќе остане на сила. Неговата порака беше објавена на социјалните мрежи, каде што нагласи дека одлуката е донесена по директива на новиот врховен водач.
Во своето прво обраќање по преземањето на функцијата, Хамнеи порача дека стратешкиот морски премин мора да остане затворен додека, како што рече, траат нападите од страна на САД и Израел. Тој тврди дека Иран е жртва на агресија и дека мерките се дел од одбранбена стратегија.
Ормускиот Теснец е една од најважните светски рути за транспорт на нафта и гас, па секое негово затворање предизвикува сериозни потреси на глобалните енергетски пазари. Иран претходно предупреди дека секој брод што ќе се обиде да помине низ овој премин може да биде мета на напад.
Тензиите нагло се зголемија по нападите што САД и Израел ги извршија врз ирански цели на крајот на февруари, кои беа оправдани како превентивна мерка по неуспешните преговори за нуклеарната програма. Техеран возврати со удари врз израелски и американски позиции во регионот, што дополнително ја продлабочи кризата на Блискиот Исток.


















