Дубаи, град што лани прими 19,59 милиони меѓународни посетители, сега се соочува со силен удар врз туризмот и угостителството поради војната на Блискиот Исток. Според извештаи што се повикуваат на бизниси од терен, ресторани и хотели бележат драматичен пад, а дел од сопствениците предупредуваат дека можат да издржат уште само два до три месеци ако кризата продолжи.
Меѓу оние што јавно проговорија е Наташа Сидерис, сопственичка на ресторанскиот синџир Tashas, која вели дека приходите во дел од нејзините објекти паднале за повеќе од 50 проценти, а кај локалите што зависат од туристи дури и за 70 до 80 проценти. За да избегне масовни отпуштања, таа ја намалила платата за 30 проценти на целиот персонал, вклучително и на себе.
Под силен притисок се и хотелите. Според повеќе извештаи, пополнетоста во дел од објектите се симнала на околу 15 до 20 проценти, а некои хотели веќе нудат длабоки попусти или привремено затвораат делови од капацитетите.
Властите во Дубаи веќе реагираа со пакет поддршка од една милијарда дирхами, односно околу 272 милиони долари, кој вклучува и одложување на одредени давачки за хотелите и туристичкиот сектор. Но, и покрај мерките, неизвесноста останува голема, а многу работници и работодавачи стравуваат дека најтешкото допрва доаѓа.










