ПРВ.мк
Македонија

Регулаторна денес пресекува: што ќе се случи со цените на горивата од утре?

Регулаторна денес пресекува: што ќе се случи со цените на горивата од утре?

Регулаторната комисија за енергетика денеска треба да ја донесе новата одлука за цените на горивата, а според најавите, дизелот ќе остане на сегашното ниво, додека бензините би требало да поевтинат за 2 денари по литар. Ова следува откако Владата на вонредна седница реши да интервенира со намалување на акцизите за клучните нафтени деривати.

Премиерот Христијан Мицкоски соопшти дека со оваа мерка се создава простор акцизата за дизелот да се намали за 4 денари по литар, а кај бензините од 95 и 98 октани за 2 денари. Дополнително, мерката за намален ДДВ на горивата од 18 на 10 проценти останува во сила до крајот на кризната состојба, односно до 20 април.

Според Владата, без оваа интервенција дизелот ќе поскапеше за околу 7 денари по литар, а бензините за 1,5 до 2 денари. По разговорите со ОКТА, договорено е и продолжување на попустите што компанијата им ги дава на трговците, со што дополнително се ублажува ценовниот удар.

Премиерот вели дека така кај дизелот практично ќе се неутрализира најавеното поскапување, додека бензините ќе имаат реално намалување во споредба со минатата недела. Во исто време, Владата уверува дека има доволно резерви и дека засега нема потреба од ограничувања, иако потрошувачката на некои бензински станици е значително зголемена поради возачи од соседните земји.

Паралелно, веќе се прават анализи и за нов ребаланс на буџетот, а меѓу можните антикризни мерки што се разгледуваат е и замрзнување на трговските маржи за да се спречат нови ценовни удари.

Најнови вести