Домен Превц испиша историја на Зимските олимписки игри, освојувајќи златен медал на големата скокалница и станувајќи првиот Словенец со олимписко злато во индивидуална конкуренција во скијачки скокови.
Иако по првата серија беше второпласиран, вистинскиот спектакл следуваше во финалето. Во вториот обид Превц буквално „експлодираше“ – долетувајќи до 141,5 метри и поставувајќи нов рекорд на скокалницата. Со тој скок го обезбеди врвот и не остави простор за изненадување.
За семејството Превц ова е веќе деветти олимписки медал, а за самиот Домен втор на овие Игри, откако претходно освои сребро на малата скокалница. Веќе утре, неговата сестра Ника Превц ќе има шанса да го донесе јубилејниот десетти медал за фамилијата.
Сезоната за Превц е речиси совршена – 11 победи во Светскиот куп, триумф на Новогодишната турнеја и уште неколку пласмани на подиумот. Со златото на големата сцена само ја заокружи доминацијата.
Среброто му припадна на Рени Никаидо, додека бронзата ја освои 18-годишниот Полјак Кацпер Томашијак, кој продолжува да блеска како нова ѕвезда во овој спорт.
Превц по триумфот изјави дека се чувствува како да гледа филм во кој самиот игра главна улога – и токму така изгледаше неговиот лет до златото.

















