ПРВ.мк
Спорт

ИНТЕРВЈУ – Здравко Мариќ, претседател на Плазма Спортските игри за млади

ИНТЕРВЈУ – Здравко Мариќ, претседател на Плазма Спортските игри за млади
Kristal

Плазма Спортските игри за млади, најголемата спортско-аматерска манифестација за деца и млади во Европа, која веќе 30 години обединува милиони учесници, од оваа година доаѓа и во Македонија. Во првата сезона се очекува вклучување на десетици илјади девојчиња и момчиња низ целата земја, со што Македонија станува петтата членка на големото спортско семејство на Игрите.

За доаѓањето на игрите во Македонија, нивната визија и плановите за македонското издание зборува претседателот на Плазма Спортските игри за млади, Здравко Мариќ.

1. Спортските игри за млади се традиција веќе многу години. Како настанаа, од каде идејата?

Плазма Спортските игри за млади оваа година слават 30 години постоење. Сè започна во 1996 година, кога шестмина пријатели од маало сакавме да организираме летен турнир во мал фудбал за да си ги исполниме распустите и да ја продолжиме традицијата што претходно ја започна нашиот градоначалник.

Одѕивот првата година беше толку голем што решивме да продолжиме со организацијата на натпреварувањата. На почетокот не беше лесно. Тропавме на сите врати, баравме поддршка и објаснувавме зошто веруваме дека децата заслужуваат бесплатни спортски натпреварувања и безбедна средина за дружење. Потребни беа неколку години нашиот труд да биде препознаен, но упорноста се исплатеше.

Постепено добивавме институционална поддршка, а денес сме горди што Игрите имаат поддршка и од европските институции, вклучувајќи проекти и иницијативи на Европската унија и Европската комисија.

Од мала маалска приказна, Игрите постепено ги надминаа границите на Хрватска и денес се меѓународен проект што поврзува милиони деца. А, пет години по ред сме прогласувани и за најголема спортско-аматерска манифестација во Европа.

Првото меѓународно проширување го реализиравме пред 16 години во Босна и Херцеговина, во Србија оваа година ја одбележуваме 13-та сезона, додека Словенија ни се приклучи во 2024 година. Денес со гордост можеме да кажеме дека како петта земја членка на проектот се приклучува и Северна Македонија.

2. Која е основната цел на Спортските игри?

Основната цел е секое дете да може да се занимава со спорт, преку игра да стекнува пријателства и да развива навика за активен живот.

Спортот, освен физичката активност, има и бројни социјални придобивки. На пример, во играта „граничар“ играат мешани екипи од девојчиња и момчиња, со што се поттикнува инклузија, толеранција и еднаквост.

Преку спортот ги мотивираме децата никогаш да не се откажуваат, да изградат карактер, да научат како да се носат со поразот и да ја почувствуваат радоста на победата. Исто така, сакаме да испратиме порака дека спортот не мора да биде само професионален – аматерскиот спорт може да биде уште позабавен.

3. Кои спортови се вклучени во програмата на Спортските игри за млади?

Денес организираме натпреварувања во 10 спортски дисциплини, во различни возрасни категории.

Фудбалот е најпопуларен и најмасовен спорт според бројот на учесници, а особено се истакнува Кока-кола Куп, најголемиот аматерски турнир во мал фудбал во Европа.

Сè попопуларен е и шахот. Се одржуваат натпреварувања и во граничар и атлетика во рамките на Деновите на спортот, како и во ракомет, кошарка, одбојка, тенис, одбојка на песок и пинг-понг.

Иако станува збор за аматерски спорт, сè е организирано според професионални стандарди – со професионални терени, обучени соработници, судии, делегати и врвен менаџмент за организација на настани.

Нашата најважна цел е секое дете да може да учествува – без разлика дали тренира спорт или не. Затоа дозволуваме настап на поединци, спортски клубови и слободно формирани екипи. Целта е вклучување, а не селекција.

4. Денес Игрите обединуваат многу деца. Колку деца учествувале од основањето до денес?

Од основањето до денес низ Плазма Спортските игри на младите поминале повеќе од 3.440.000 деца од Хрватска, Србија, Босна и Херцеговина и Словенија.

Оваа година на Игрите се приклучува и Северна Македонија како петта земја членка, што ќе овозможи уште повеќе деца да бидат вклучени во натпреварите и едукациите што ги организираме.

5. Игрите се целосно бесплатни. Како го одржувате тој модел?

Од самиот почеток, принципот е јасен – детето не смее да плаќа за да се занимава со спорт.

Околу 80% од приходите доаѓаат од маркетиншки извори, со што обезбедуваме учеството да биде целосно бесплатно – вклучувајќи организација, превоз, сместување и храна на завршниците. Посебно ги истакнувам нашите долгогодишни партнери Бамби и Кока-кола. Покрај нив, голема поддршка имаме и од владите на земјите каде што се одржуваат Игрите, како и од локалните заедници и училиштата. Благодарение на оваа заедничка соработка, успеваме да одржиме стабилен и одржлив модел и да останеме доследни на мисијата дека спортот мора да биде достапен за секое дете, без оглед на финансиската состојба на семејството.

6. Колку градови  и места годишно учествуваат во проектот?

Минатата година посетивме повеќе од 500 градови и места во четирите земји членки и собравме 353.484 учесници. Со вклучувањето на Северна Македонија, бројките ќе бидат уште поголеми, што го потврдува континуираниот раст и интересот за бесплатен и достапен спорт.

7. Како што наведовте, Спортските игри за млади денес поврзуваат деца од повеќе земји. Колку е важна меѓународната димензија?

Меѓународната димензија денес е еден од најважните елементи на Плазма Спортските игри за млади. Покрај фактот дека спортот е универзален јазик, децата, кога ќе им дадете можност да се дружат, лесно наоѓаат заеднички јазик и надвор од спортските терени. Децата наоѓаат начин да се разберат меѓусебно без оглед на тоа од која земја доаѓаат, кој јазик го зборуваат или во каква средина растат. Преку Игрите, им даваме можност на децата да се дружат и да создадат простор во кој границите стануваат помалку важни, а пријателството, почитта и фер-плејот доаѓаат до израз.

На Меѓународното финале, деца од различни земји го делат теренот, сместувањето и заедничките искуства. Тогаш се формираат пријателства кои траат со години и ги рушат предрасудите што возрасните честопати несвесно ги носат. За нас, тоа не е само спортски натпревар, туку можност да се изградат мостови меѓу младите преку спортот и да се создадат генерации кои ќе соработуваат во иднина, а не да се разделуваат.

Затоа веруваме дека Игрите не се само спортски проект, туку и социјална платформа која придонесува за подобро разбирање и подобри односи меѓу земјите на долг рок. Со детската насмевка и ракувањето по натпреварот честопати се постигнува многу повеќе отколку со бројни формални состаноци.

Задоволството кога ја гледаме нивната среќа на спортските терени и кога децата и младите од Хрватска, Босна и Херцеговина, Словенија и Србија се собираат во Сплит за Меѓународната завршница е неописливо. Повеќе од 200 национални победници од секоја земја-членка учествуваат во петдневно дружење, натпреварување и средба со спортски идоли и амбасадори на Игрите, за многумина тоа останува животно искуство и спомен што го носат за цел живот.

Посебна вредност на проектот му дава фактот дека во 30 години откако постои не е забележан ниту еден, дури ни најмал инцидент.

8. Како дојде до одлуката за проширување на Игрите и во Северна Македонија?

Клучен момент беше поддршката од Владата и Министерството за спорт. Посебно ја истакнувам поддршката од премиерот Христијан Мицкоски и министерот за спорт Борко Ристовски, кои ја препознаа вредноста на проектот и изразија желба Игрите да започнат што е можно поскоро за да можат децата да спортуваат бесплатно. Мило ми е што децата во Северна Македонија ќе имаат можност да го доживеат сè она што го носат Игрите, од локални и национални натпревари до учество во Меѓународната завршница. На овој начин, тие стануваат дел од голема спортска заедница која гради пријателства и подобра иднина преку спортот.

9. Како ќе изгледаат Игрите во Северна Македонија? Дали ќе се спроведува според истиот модел како во другите земји или носат и некои нови елементи?

Моделот во Северна Македонија се базира на истите вредности и организациски стандарди што  Плазма Спортските игри за млади ги применуваат во сите земји-членки, но исто така носи важна иновација во начинот на кој се шири проектот. Со потпишувањето на договорот започнува соработка врз основа на лиценцниот модел, што е прв пат Игрите да се шират меѓународно на таков начин. Ова значи дека целиот систем на Игрите, од организациските стандарди, форматот на натпреварување и комуникацискиот модел, до вредностите на проектот, се имплементира и во Република Северна Македонија, покрај пренесувањето на знаење и долгогодишно искуство на нашите партнери. Особено е важно да се нагласи дека сè се спроведува во партнерство со Владата, Министерството за спорт и Федерацијата за училишен спорт на Македонија, што ја обезбедува стабилноста, квалитетот и долгорочната одржливост на проектот. Во исто време, на децата во Северна Македонија им се дава можност да учествуваат во меѓународните активности на Игрите и на Меѓународната завршница, со што стануваат дел од големо спортско семејство кое ги дели истите вредности.

Драго ни е што „Кока-кола“ и „Бамби“, со кои соработуваме во сите земји-членки, го препознаа ова и дека ќе нè поддржат во овој нов чекор. Нивната континуирана поддршка во текот на сите овие години покажува колку веруваат во вредностите што ги промовираат Плазма Спортските игри за млади, бесплатен и достапен спорт, фер-плеј и еднакви можности за секое дете.

Токму благодарение на успешната соработка што ја изградивме во сите земји-членки, создадовме стабилен и одржлив модел што сега го пренесуваме и во Северна Македонија. Партнерството со силни и одговорни компании ни дава сигурност дека и во новата земја-членка ќе го одржиме високото ниво на организација и квалитет, но и ќе продолжиме да растеме заедно за доброто на децата и младите.

10. Кои градови и спортови се планирани во Македонија? Кои се вашите очекувања од првата година од одржувањето на Игрите?

Во првата сезона на Плазма Спортските игри за млади во Северна Македонија, планираме да одржиме натпревари во 17 градови и места низ целата земја, обезбедувајќи достапност за деца од различни средини, не само од поголемите урбани центри. Програмата ќе ги опфати сите 10 спортски дисциплини што ги спроведуваме и во други земји-членки, со цел да понудиме сеопфатен и препознатлив модел на игри од самиот почеток.

Во првата година, имаме за цел да вклучиме околу 40.000 деца, што го сметаме за исклучително силен и охрабрувачки почеток. Северна Македонија има голема спортска традиција и верувам дека децата ќе покажат огромен талент и енергија. Но, за нас бројките се помалку важни, пважна е енергијата и насмевките на децата кои ќе истрчаат на теренот за прв пат под знамето на Игрите.

Од првата сезона, очекувам, пред сè, позитивна атмосфера, поддршка од локалните заедници и чувство на гордост кај децата кои стануваат дел од големо меѓународно спортско семејство. Верувам дека Игрите во Северна Македонија, уште во првата година, ќе го покажат својот целосен потенцијал и ќе постават цврста основа за долгорочен раст.

11. Листата на амбасадори што ги поддржуваат Игрите е импресивна. Можете ли да ни откриете кои амбасадори ќе се придружат?

Поддршката на нашите амбасадори е резултат на долгогодишна работа и довербата што ја изградивме. Со текот на годините, развивме систем кој е препознаен од влијателни и познати луѓе, вклучувајќи го и Александар Чеферин, чија поддршка е од особено значење за нас. Секогаш сакам да го истакнам Предраг Мијатовиќ и да кажам дека самиот Бог го испрати во мојот живот, бидејќи во клучен момент ме поврза со Александар Чеферин и силно го поддржа проектот. Тука се и нашиот прв амбасадор Славен Билиќ, потоа Лука Модриќ, Насер Ал-Келаифи, Жељко Обрадовиќ, Шиме Врсаљко, Един Џеко, Немања Видиќ, Немања Матиќ и многу други. Особено би сакал да го истакнам Јоханес Хан, кој, иако е надвор од спортот, искрено ја препознава вредноста на Игрите и ни дава силна поддршка со години, му благодарам многу што во секоја прилика, со своето присуство и ангажман ги збогатува нашите настани. Следниот месец, Горан Драгиќ ќе се придружи на семејството амбасадори, а по тој повод ќе одржиме церемонија во Љубљана. Во годината кога славиме три децении од Игрите, ќе ни се придружат и некои други големи имиња од светот на спортот и политиката, но засега не можам да ги откријам. Покрај нашите амбасадори, поддршка ни даваат и нашите пријатели, од кои некои ќе присуствуваат на церемонијата на потпишување на договорот во Скопје, меѓу кои Магнус Брунер, Аљоша Асановиќ, Марјан Кустиќ, Предраг Даниловиќ, Кирил Лазаров, Горан Пандев и други.

12. Оваа година одбележувате 30 години од Плазма Спортските игри за млади. Какво изненадување подготвувате за големиот јубилеј?

Во август ќе прославиме 30 години континуирано функционирање на Младинските спортски игри и сакаме да го одбележиме овој јубилеј на начин достоен на сè што Игрите станаа во текот на изминатите три децении. Самиот факт што Северна Македонија ни се придружува оваа година како петта земја-членка е нова димензија на проектот, бидејќи тоа значи повеќе деца во Сплит, повеќе емоции, повеќе средби и уште посилни регионални врски преку спортот и пријателството.

Во текот на петте дена натпреварување како дел од Меѓународната завршница, Сплит ќе живее во духот на спортот, заедништвото и прославата. Покрај спортските натпревари меѓу најдобрите тимови од земјите учеснички, ќе има и свечена церемонија по повод 30-годишнината од основањето на Игрите, објавување на нови амбасадори, кошаркарски натпревари во Прокуратив и шаховска симултанка на сплитската Рива во која децата, заедно со амбасадорите и пријателите на Игрите, ќе играат против шаховски велемајстори. Програмата вклучува и меѓународна завршница на најголемиот куп во мал фудбал во Европа во машка и женска категорија, натпреварот на All Star тимот против националниот тим на СИМ, како и свеченото затворање на 30-та сезона.

Особено ни е драго што, покрај земјите-членки,на Меѓународната завршница во Сплит ќе ни се придружат и деца од уште една пријателска земја како посебно изненадување, со што дополнително ќе го прошириме кругот на пријателство и меѓународна соработка.

На настаните ќе присуствуваат повеќе од 1.500 учесници на Спортските игри за млади, претставници на владите на земјите-членки, челници на институции на Европската Унија, претставници на меѓународни спортски организации, врвни спортисти, спортски професионалци, амбасадори и пријатели на Игрите, што дополнително ја потврдува Меѓународната завршница како настан од исклучително спортско и општествено значење.

13. Која е вашата порака до децата во Северна Македонија кои за прв пат ќе ги доживеат Спортските игри за млади?

Мојата порака до децата во Северна Македонија, како и до сите деца, е едноставна: дојдете, регистрирајте се и уживајте во играта. Најважно е да се забавувате, да учествувате без да се грижите за резултатот и преку спортот да бидете тоа што сте - деца. Плазма Спортските игри за млади се создадени за да ви пружат можност да се дружите, да стекнете нови пријатели и да создавате спомени. Не мора да бидете најдобри или најбрзи, доволно е да дојдете со желба за играње. За сè друго, организација, услови и поддршка, ќе се погрижиме ние.

Pharmanova
FixCredit
Escape
Mia Home Mavrovo