Одлуката на ФИФА да го одбие барањето на Иран своите натпревари од Светското првенство да ги игра во Мексико предизвика нова неизвесност околу учеството на оваа селекција на Мундијалот. Иранската федерација побара промена на локацијата поради политичките тензии, со оглед дека дел од натпреварите требаше да се играат на територија на САД.
Според информациите, барањето било јасно одбиено, што сериозно го доведува во прашање настапот на Иран. Претходно, од таму најавија дека репрезентацијата нема да учествува доколку мечевите се одржуваат во САД, што значи дека сценариото за повлекување станува сè пореално.
Во меѓувреме, се разгледуваат неколку можни решенија доколку Иран се откаже. Една од опциите е организирање дополнителен бараж во кој би учествувале селекции кои не успеале да се квалификуваат директно. Меѓу нив се споменува и Италија, што повторно ја враќа во игра за настап на најголемата фудбалска сцена.
Покрај Италија, како можни учесници во ваков бараж се наведуваат и Обединетите Арапски Емирати, Боливија и Данска, што дополнително ја комплицира ситуацијата. Друга опција е местото на Иран да го преземе следната најдобра репрезентација од азискиот квалификациски циклус.
Со оглед на тоа што почетокот на турнирот се наближува, ФИФА ќе мора во краток рок да донесе конечна одлука, бидејќи секое одложување може да влијае врз организацијата и распоредот на натпреварите.










