Во некои краишта велигденските празнувања не завршуваат веднаш, туку траат три дена, па радоста и семејната атмосфера продолжуваат и во вторник. Токму овој ден, познат и како Свет вторник во одредени места, во народната традиција се смета за исклучително среќен и исполнет со убави значења.
Според старите верувања, овој вторник се издвојува од сите други денови во годината и се смета за посебно поволен. Се верува дека носи радост, благодат и добри почетоци, па затоа многумина токму тогаш се собирале со блиските, ги обновувале старите пријателства и го поминувале денот во весела атмосфера.
Народните кажувања велат дека децата родени на овој ден ќе имаат среќен и долг живот. Исто така, постои верување дека свадбите склучени тогаш носат бериќет и хармонија во новото семејство. Поради тоа, овој ден во минатото често бил избираn за важни семејни настани.
Според обичаите, добро е на овој ден човек да тргне на пат или да посети некого. Се верува дека ако при поаѓање се замисли желба, таа може да се оствари, а патот да помине во среќа и добар знак. Во исто време, во некои средини постоеле и верувања дека не треба да се пере или шие машка облека.
Суштината на денот, според традицијата, е во радоста, дружењето и споделувањето убави мигови со најблиските. Токму затоа, третиот ден од Велигден и денес за многумина останува симбол на среќа, надеж и убав почеток.










