Македонската фудбалска репрезентација одигра натпревар полн со емоции пред преполните трибини на Националната арена “Тодор Проески”. Иако противникот, Казахстан, можеби не беше најатрактивен, настапот на нашите играчи беше победа сама по себе. Натпреварот заврши 1-1, но ова реми не остава горчлив впечаток, бидејќи македонските фудбалери покажаа неверојатно срце, желба и борба до последната секунда. Солзите и разочарувањето на нивните лица по крајот зборуваа дека тие играат за победа, а не само за бодови.
Натпреварот не започна според планот. По мирно прво полувреме, во 54-тата минута Столе Димитриевски направи грешка која ја искористи Динмухамед Караман за водство на Казахстан. Но, нашата репрезентација не се предаде. Носени од поддршката од трибините, фудбалерите тргнаа на сè или ништо, а во 74-тата минута капитенот Енис Барди постигна спектакуларен гол од слободен удар, кој предизвика ерупција на стадионот.
До крајот на мечот Македонија имаше уште неколку чисти шанси за победа, но резултатот остана 1-1. Погодокот на Барди веќе е во конкуренција за „гол на колото“ и е доказ дека македонската репрезентација има карактер и дека баражот за пласман на следното големо натпреварување е веќе на дофат.