Ана Костадиновска, придружниот вокал на бендот ДНК, се потсети на последниот настап пред трагедијата која го погоди Кочани, една недела по нивниот настап во Скопје. „Паметам како вчера да беше... Стопати си кажавме колку се сакаме, скокавме, се забавувавме, се гушкавме, како да знаевме дека е последно...“ – напиша Ана и сподели фотографии и спомени од таа вечер.
Се приближува 16 март, датумот кога се навршува една година од страшната несреќа во која животот го загубија многу членови на ДНК и други невини луѓе.
Само една недела пред нивниот последен настап, кој за жал не успеаа да го довршат, ДНК настапија во скопски клуб заедно со Врчак. Тогаш тие споделија фотографии и видео од атмосферата, со порака до обожавателите: „ФАЛА ви Скопје за прекрасната енергија во петокот, сè уште сме под импресии… До следен пат, Ваши ДНК.“
За жал, „следниот пат“ се покажа како последниот. Денес, Ана Костадиновска се потсети на таа вечер во Скопје како на последниот среќен момент со колегите. Таа истакна дека меѓу нив владеела многу емотивна и топла атмосфера, како да знаеле дека тоа ќе биде нивниот последен настап заедно.
Ана објави повеќе фотографии од таа вечер и додаде: „Паметам како вчера да беше... Секоја песна, секоја емоција. Стопати си кажавме колку се сакаме, скокавме, се забавувавме, се гушкавме, како да знаевме дека е последно... Бескрајно многу ми недостасувате!“


















