Владата донесе одлука да започне процес на вонредни контроли на сите правни лица кои имаат дозвола за одгледување и производство на канабис за медицински цели. Оваа одлука е донесена на вчерашната седница, а институциите се задолжени во рок од 45 дена да извршат проверки и да достават извештај до Владата.
Одлуката следи по големата акција на полицијата и обвинителството во која беа запленети околу 40 тони марихуана во два магацини во Скопје и струмичко. Премиерот Мицкоски и министерот за внатрешни работи Тошковски заедно со раководството на МВР ја посетија локацијата каде што се чуваше запленетата марихуана, обезбедена од специјални полициски единици.
Премиерот изјави дека се сомнева оти поранешен министер го изменил правилникот, овозможувајќи одгледување канабис кој не може да се користи за производство на масло од канабис – единствениот легален производ според законот. Обвинителството потврди дека запленетата количина изнесува околу 40 тони, без да објави детали за осомничени или приведени лица.
Акцијата следела по информациите дека во Србија се запленети 5 тони марихуана, а еден сопственик на легален бизнис за медицински канабис од Македонија бил приведен.
Вонредните контроли ќе ја опфатат целата територија на државата, а целта е да се провери дали легалните производители постапуваат согласно законските прописи и дали нивните производи одговараат на дозволените стандарди за медицински канабис.

















