Американскиот претседател Доналд Трамп потпиша нова извршна наредба со која царината за увоз на македонски производи во САД се намалува од досегашните 33 на 15 проценти. Одлуката е дел од поширок пакет мерки со кои САД воведуваат нови царински стапки за речиси сите земји кои немаат потпишано трговски договор со Америка.
Покрај Македонија, истата стапка од 15% ќе важи и за Хрватска, Словенија и Европската Унија, која склучи договор со САД на 27 јули. Србија ќе биде најпогодена од земјите во регионот, со царина од 35%, додека за Црна Гора е утврдена најниска стапка од 10%. Истата царина ќе важи и за Албанија.
Иако во април годинава Трамп првично најави царина од 33% за македонските производи, со најновата наредба стапките се ревидирани. Царините ќе стапат на сила од 7 август, наместо од 1 август, со цел да се овозможи дополнително време за техничка подготовка.
Според податоците од Државниот завод за статистика, извозот на македонски производи во САД бележи троен раст за последните девет години – од 36,5 милиони евра во 2015 година, на 110 милиони евра во 2024 година. Најголем дел од извозот го сочинуваат електрични машини и опрема (35–40%), потоа текстил и облека, како и производи од металната индустрија.