Полицијата поднесе кривична пријава против Н. И. (73) од селото Камењане, општина Боговиње, поради сомнение за сторени кривични дела „фалсификување или уништување деловни книги“ и „злоупотреба на службена положба и овластување“.
Според пријавата, до 2 јануари 2021 година, додека бил директор на земјоделска задруга во селото Камењане, осомничениот без законска основа и без одлука од членовите на задругата извршил незаконско бришење на основачи–акционери. Со уништување и прикривање на документација, бројот на членови бил намален од 38 на само пет лица, што било во спротивност со податоците во тековната состојба од Централен регистар.
Дополнително, на 3 јануари 2010 година, во својство на директор, пријавениот склучил договор за закуп на деловен простор со површина од околу 1.500 квадратни метри во селото Камењане. Просторот, кој ѝ бил доделен на земјоделската задруга на трајно користење, бил издаден под закуп на друг акционер за период од 10 години, без согласност од надлежно министерство, без одлука од Управниот одбор и без одобрение од останатите задругари.
По 2021 година, спорниот деловен простор продолжил да се користи врз основа на усмен договор, без плаќање закупнина. Осомничениот, како сопственик во задругата, ги подмирувал само сметководителските давачки, но не и надомест за користење на објектот.
Надлежните институции продолжуваат со постапката за целосно утврдување на фактите и евентуалната одговорност во овој случај.
















