Полицијата приведе четири лица поврзани со случај на мачење животни, откако било пронајдено тешко повредено куче од расата пит бул. Последното апсење е извршено во атарот на село Камењане, каде бил лишен од слобода 38-годишен жител, осомничен за учество во нелегални борби со кучиња.
Случајот излезе на виделина откако претходно, на локален пат во близина на селото, во возило било пронајдено повредено куче, што веднаш го активирало полицискиот механизам. Во првичната акција веќе биле приведени три лица, а со новото апсење бројот се искачи на четири.
Осомничениот е задржан во полициска станица, а против сите инволвирани ќе следуваат соодветни пријави по целосно документирање на случајот.
Надлежните институции продолжуваат со истрагата, со цел целосно расчистување на овој сериозен случај кој предизвика силни реакции во јавноста.










