Во јавното здравство има лекари кои земале плати повисоки од 10.000 евра, откри министерот за здравство Азир Алиу. Тој нагласи дека Министерството располага со конкретни податоци и најави институционална проверка на дежурствата и прекувремената работа.
– Имаме лекари со плата од 700 илјади денари, што е повеќе од 10.000 евра. Институциите се познати, но случаите ќе се решаваат по законски пат – изјави Алиу.
Темата ја отвори и премиерот Христијан Мицкоски, кој посочи на сериозни злоупотреби.
– Има здравствени работници кои пријавувале работа секој ден по 24 часа. Постојат случаи каде лица „работеле“ 31 ден без пауза и така стигнувале до плати над 10.000 евра – рече премиерот.
Алиу нагласи дека не сака јавно да ги објави институциите за да не се наруши истрагата, но истакна дека состојбата ќе се расчисти.
Дополнително, посочи дека има огромни разлики во ангажманот на лекарите:
- некои прегледуваат само еден пациент неделно
- други и до 100 пациенти неделно
– И едното и другото не е нормално и ќе се решава системски – додаде министерот.
Министерството веќе работи на воведување контроли, меѓу кои:
- проверка на прекувремените часови (ограничени на 20%)
- санкции за неажурирани листи на чекање
- воведување фингерпринт систем за евиденција на присуство
Системот веќе се тестира во две клиники во Скопје и наскоро ќе се прошири низ целата држава.
Исто така, ќе се поврзат и аптеките со централниот систем за да се спречат злоупотреби со рецепти.
– Транспарентноста е клучна за враќање на довербата во здравството – порача Алиу.



















