Мексиканската морнарица започна голема операција за пребарување и спасување на Карибите, откако два едрилици што носеа хуманитарна помош за Куба не пристигнаа во Хавана како што беше планирано.
Бродовите тргнаа од Исла Мухерес во мексиканската држава Кинтана Ро со девет членови на екипажот од различни националности и се очекуваше да пристигнат помеѓу 24 и 25 март. Меѓутоа, нема комуникација од нивна страна ниту потврда за пристигнување.
Двата исчезнати брода се дел од иницијативата „Конвој Нуестра Америка“, која има за цел да достави храна, лекови и енергетски производи на Куба, земја што се соочува со продолжени прекини на електричната енергија и продлабочување на економската криза по заострувањето на ембаргото од САД.
Друг брод од конвојот пристигна во Хавана во вторник, а минатата недела волонтери во Мексико натоварија бродовите со ориз, грав, влажни марамчиња за бебиња, храна и лекови.
„Капетаните и екипажот се искусни морнари, а двата брода се опремени со соодветни безбедносни системи и опрема за сигнализација“, изјави портпаролот на конвојот за „Ројтерс“.
Мексиканската морнарица соработува со центри за поморска координација на спасување во Полска, Франција, Куба и САД, како и со дипломатски претставници на земјите од кои потекнуваат членовите на екипажот, соопшти морнарицата, изразувајќи уверување во способноста на екипажот безбедно да стигне до Хавана.



















