Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција отвори истрага против шест лица вмешани во масовен шверц на марихуана, која од Македонија била пренесена во Србија.
Според објавеното, над 8 тони марихуана биле набавени од Струмица и спакувани во над 200 кутии, кои потоа биле транспортирани преку Свети Николе и граничниот премин Табановце. Целта била неовластена продажба во странство. Првоосомничен е сопственик на фирма од Скопје, кој заедно со уште двајца осомничени, за кои српските власти водат постапка, ја организирал набавката и транспортот.
На 13 јануари 2026, товарот бил преместен од објектот во Скопје до локација во атарот на Свети Николе. Потоа, во селото Сарамзалино, петмина од осомничените го претовариле од едно товарно возило во друго. По завршениот утовар, возилата со кутиите се упатиле кон Табановце, од каде дрогата била пренесена во Србија на 14 јануари, каде што ја растовариле лица за кои српските истражни органи исто така водат постапка.
Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, најави дека ќе бидат поднесени кривични пријави против 10 лица поврзани со произведената марихуана.
Двајцата осомничени кои првично беа во 48-часовен притвор сега се со 30-дневен притвор, по предлог на обвинителството и одлука на кривичниот суд, додека истрагата продолжува за целосно откривање на сите вмешани лица и нивната улога во големата нарко афера.

















