Со Чист понеделник започнува Велигденскиот пост, најдолгиот, најголемиот и најстрогиот пост во православната традиција, кој трае седум недели и претставува духовна подготовка за Христовото воскресение. Првата седмица од постот е позната како Недела на Православието.
Овој пост е познат под повеќе имиња, а секое го истакнува неговото значење. Се нарекува Велигденски пост затоа што завршува со Велигден, Воскресенски пост поради празникот на Воскресението, Пасхален пост како подготовка за Пасха, но и Велики пост поради неговата важност. Воедно, се именува и како Света Четириесетница, бидејќи основниот постен период трае 40 дена, до Лазарова сабота.
Во црковната традиција, овој пост се смета и за Чесен пост, најдолг пост, најголем пост и најстрог пост, не само според исхраната, туку и според воздржувањето и богослужбениот ритам.
Историски, постот за Велигден првпат се спомнува на крајот од II век, најпрво како краток пост од неколку дена, а дури во V век се оформува во денешната форма – Велика Четириесетница.

















