Кавадарци денеска беше во знакот на здравјето, хуманоста и заедништвото. По повод Светскиот ден на здравјето, Општина Кавадарци организираше настан на Градскиот плоштад посветен на подигнување на свеста за важноста од грижата за сопственото здравје, но и за поттикнување на солидарноста во заедницата.



Во соработка со Комисијата за еднакви можности, локалните аптеки, ЈЗУ Општа болница со проширена дејност Кавадарци, средните училишта и други институции, граѓаните имаа можност бесплатно да го проверат крвниот притисок, нивото на гликемија, како и да извршат очни прегледи. Покрај тоа, беа споделувани и практични совети за здрав начин на живот, со цел да се поттикне поголема грижа за превенцијата и здравите навики.
Во рамки на Велигденската програма се одржа и Велигденски базар, на кој учениците од основните општински училишта и децата од градинките „Рада“ ги претставија своите креативни изработки. Средствата собрани од продажбата ќе бидат наменети за хуманитарни цели, што на настанот му даде и дополнителна вредност.




Настанот беше збогатен со музички настап и одлична атмосфера, а големиот број посетители уште еднаш покажа дека Кавадарци знае да се обедини кога станува збор за здравјето, хуманоста и вистинските вредности.










