Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини соопшти дека Владата ја усвои Програмата за заштита на ранливи потрошувачи на енергија за 2025 година. Оваа програма има за цел да обезбеди енергетска заштита и поддршка за граѓаните со социјални и здравствени предизвици кои се најзагрозени.
Вкупно се обезбедени 42.300.000 денари од државниот буџет за директна финансиска помош на најранливите категории граѓани. Програмата се фокусира на домаќинствата кои живеат во енергетска сиромаштија, со посебен акцент на лица со попреченост и корисници на гарантирана минимална помош.
Корисници на помошта ќе бидат домаќинства кои добиваат паричен додаток за покривање дел од трошоците за енергија, како и оние каде живеат лица со тешка или длабока интелектуална попреченост, најтешка телесна попреченост, потполно слепи или глуви лица.
За овие категории, месечната финансиска поддршка изнесува 1.000 денари, кои директно ќе се одбиваат од сметките за струја, почнувајќи од месецот на поднесување на барањето, и ќе трае 12 месеци.
Средствата се распределени вака:
- 2.300.000 денари за домаќинства со лица со тешка или длабока интелектуална попреченост
- 19.000.000 денари за домаќинства со најтешка телесна попреченост
- 9.000.000 денари за домаќинства со потполно слепи лица
- 12.000.000 денари за домаќинства со потполно глуви лица
Граѓаните заинтересирани за помош ќе можат да аплицираат преку јавен оглас што ќе биде објавен на веб-страницата на Министерството за енергетика (www.energy.gov.mk) и во два дневни весници, со рок за пријавување од 30 дена.
Образецот за пријава ќе биде достапен онлајн и во архивата на Министерството, а кандидатите треба да приложат документи кои ја потврдуваат исполнетоста на условите.
Процедурата за избор на корисници ќе ја спроведат четири комисии формирани во Министерството, кои ќе ги разгледуваат и оценуваат пријавите. Јавно ќе биде објавен списокот на одобрени апликанти.
Дополнително, програмата предвидува и мерки за олеснување на енергетскиот пристап, вклучувајќи ослободување од трошоци за повторно приклучување, приоритет при отстранување на дефекти и заштита од исклучување во зимскиот период.
Министерството апелира до сите кои исполнуваат услови да се информираат навремено и да аплицираат во предвидениот рок. Сите информации, огласи и образци се достапни на www.energy.gov.mk.