ПРВ.мк
Македонија

АМБУЛАНТИТЕ ПРЕПОЛНИ: Грипот коси во Македонија – докторка од Козле открива кога мора веднаш да се побара лекарска помош!

АМБУЛАНТИТЕ ПРЕПОЛНИ: Грипот коси во Македонија – докторка од Козле открива кога мора веднаш да се побара лекарска помош!
Kristal

Грипот зема сериозен замав кај најмладите, а состојбата на Клиниката за респираторни заболувања кај деца во Козле станува сè поалармантна. Во пресрет на празниците, амбулантите се преполни со деца со изразени симптоми, а болничките капацитети се речиси целосно исполнети.

Лекарите од Козле информираат дека кај децата најчесто се јавува висока телесна температура, силни болки во грлото, напади на кашлица, а во потешките случаи и развој на пневмонија. Во моментов, околу 80 деца со пневмонија се задржани на болничко лекување, додека бројот на дневни прегледи достигнува и до 250.

Според податоците од клиниката, децата кои се хоспитализирани се од различна возраст – од доенчиња, па сè до претшколска и школска возраст. Пет од нив се на кислородна поддршка, што дополнително ја нагласува сериозноста на состојбата.

Педијатарката д-р Мирјана Поповска од Универзитетската клиника за респираторни заболувања кај деца – Козле, појаснува дека инфлуенцата кај децата често започнува со исклучително висока температура, која може да достигне и до 40 или 41 степен. Потоа следуваат изразена омалаксаност и болки во мускулите, при што, за разлика од обичните вирусни инфекции, децата со грип не се активни, туку најчесто се врзани за кревет.

На овие симптоми се надоврзуваат болки во грлото и прогресивна кашлица, а токму во тој момент, нагласува докторката, неопходно е задолжително да се побара лекарска помош. Причината е што инфлуенцата може да премине во долнореспираторна инфекција и да предизвика масивен пневмоничен напад, кој често бара и хоспитализација.

Лекарите упатуваат јасни препораки до родителите: децата да мируваат, да внесуваат доволно течности и редовно да се рехидрираат, а за намалување на температурата да се користат препарати од парацетамолски тип. Сепак, доколку се појави тешко дишење, засилена и влошена кашлица или чувство на „глад за воздух“, потребно е итно јавување кај лекар, бидејќи тоа може да укажува на сериозна компликација.

Покрај состојбата во Козле, зголемен е и бројот на хоспитализирани деца на Детската клиника во Скопје, каде моментално се лекуваат околу 130 деца со различни здравствени проблеми. Лекарите очекуваат бројот на заболени од грип и други респираторни инфекции дополнително да расте и во наредниот период.

За време на празниците, здравствените установи најавуваат дека ќе има дежурни медицински тимови, кои ќе бидат достапни за навремено укажување лекарска помош на сите кои ќе имаат потреба.

FixCredit
Escape

Најнови вести

Escape
Mia Home Mavrovo
Escape