Министерот за култура денеска учествува на Светската конференција на УНЕСКО за културни политики и одржлив развој – МОНДИАКУЛТ 2025, што се одржува во Барселона, Шпанија. Конференцијата беше отворена од премиерот на Шпанија, Педро Санчез, а свое обраќање имаа и министерот за култура Ернест Уртасун, министерот за надворешни работи Хозе Мануел Албарез и претседателот на Владата на Каталонија, Салвадор Иља.

Овој глобален форум е најголемиот настан посветен на културата, организиран од УНЕСКО со поддршка на шпанската влада, и обединува претставници од 194 држави-членки, министри за култура, меѓународни организации и бројни влијателни личности.

Министерот нагласи дека присуството на Македонија претставува значајна можност за афирмација на националните културни политики и активно учество во креирањето на идните насоки на глобално ниво. Според него, ова учество е јасна порака дека македонската култура има што да понуди, но и дека е подготвена да соработува и да се вклучи во современите процеси на културна размена и одржлив развој.

Конференцијата во Барселона ќе трае до 1 октомври и ќе биде сцена на дискусии за улогата на културата во иднината на светот, со посебен акцент на одржливоста, дигитализацијата и меѓународната соработка.




















