Германија се соочува со значително повисоки цени на горивата во споредба со поголемиот дел од Европската Унија, а најновите анализи отвораат сомнежи дека причините не се само глобалните фактори, туку и однесувањето на нафтените компании.
Според податоците, бензинот во Германија достигна околу 2,08 евра за литар, што ја става веднаш зад Холандија, каде цената е највисока во Европа. Иако ескалацијата на конфликтите на Блискиот Исток влијаеше врз цените низ целиот континент, растот во Германија е значително поизразен од европскиот просек.
Клучен фактор за високите цени се даноците и акцизите. Германија има повисоки давачки за фосилни горива, вклучително и дополнителни трошоци поврзани со емисиите на CO2, што автоматски ја зголемува крајната цена за потрошувачите.
Сепак, германските власти не ја исклучуваат можноста за манипулации. Работна група формирана од владата отворено ги обвини нафтените компании за прекумерно зголемување на цените, особено во време на кризи. Економистот Фердинанд Фихтнер посочува дека актуелниот раст не може целосно да се оправда со цената на суровата нафта, додавајќи дека профитите во секторот се значително зголемени.
Во обид да се стабилизира ситуацијата, се разгледуваат нови мерки, меѓу кои ограничување на зголемувањето на цените на бензинските пумпи на еднаш дневно, по примерот на Австрија. Во меѓувреме, некои европски земји веќе воведоа директни ограничувања – како Хрватска и Унгарија, каде цените се фиксирани.
Од друга страна, индустријата ги отфрла обвинувањата и тврди дека повеќе од половина од цената на горивото се должи на државни давачки, а не на профитни маржи.
Дебатата продолжува, но јасно е дека притисокот врз германската влада расте, додека возачите се соочуваат со сè поскапо секојдневие.

















