Воените операции на Соединетите Американски Држави против Иран во првите денови од конфликтот донеле огромни финансиски трошоци. Според информации од американското Министерство за одбрана, само во првите шест дена од судирот биле потрошени повеќе од 11,3 милијарди долари.
Овие податоци биле презентирани пред сенаторите во Комитетот за вооружени сили на затворен брифинг, а информацијата првично ја објави „Њујорк тајмс“, повикувајќи се на извори кои биле запознаени со состанокот.
Сумата што досега е пресметана се однесува само на директните воени активности. Во неа не се вклучени дополнителните трошоци поврзани со подготовките пред почетокот на конфликтот, како распоредување на опрема, мобилизација на персонал и логистички активности. Поради тоа, од Пентагон предупредуваат дека конечната бројка би можела значително да порасне кога ќе се соберат сите податоци.
И покрај високата цена на операцијата, администрацијата во Вашингтон наводно размислува да побара нови средства за продолжување на воените активности. Ова доаѓа и покрај изјавата на претседателот Доналд Трамп, кој неодамна тврдеше дека американските сили располагаат со речиси неограничени резерви на муниција од среден и голем калибар.
Во меѓувреме, нема официјална проценка колку долго би можел да трае конфликтот. Трамп изјави дека САД веќе имаат предност во судирот, но нагласи дека операциите ќе продолжат додека, како што рече, задачата не биде целосно завршена.
Експертите предупредуваат дека ако судирот продолжи, трошоците би можеле драматично да се зголемат и дополнително да го оптоварат американскиот буџет.


















