Тежок и вознемирувачки инцидент се случил во близина на граничниот премин кај Малко Трново, на границата меѓу Бугарија и Турција, каде животот го загубиле две лица, а уште 16 се повредени. Според првичните информации, во несреќата учествувал автобус со украински државјани.
Настанот се случил откако автобусот застанал на патот поради тоа што останал без гориво. Патниците биле замолени да излезат од возилото, по што ситуацијата нагло излегла од контрола. Во еден момент, автобусот ненадејно почнал да се движи наназад и удрил во дел од луѓето кои се наоѓале зад него, при што настанале фаталните последици и бројни повреди.
Според податоците, во автобусот имало вкупно 39 лица – 37 патници и двајца возачи. По несреќата, возилото завршило во ров, а сите патници и возачите биле извлечени од местото на настанот.
Повредените биле пренесени во здравствени установи, при што шест лица биле хоспитализирани во Бургас, додека десетмина биле згрижени во итниот медицински центар во Малко Трново. Останатите патници привремено биле сместени во дневен центар во пограничниот град.
Надлежните служби продолжуваат со истрагата за да се утврдат точните причини и околности под кои дошло до оваа трагична несреќа.










