Дваесетгодишен жител на Мала Речица е под истрага за тероризам, откако кон крајот на јануари преку апликацијата Discord испратил сериозна закана дека е подготвен да изврши напад со огнено оружје – автоматска пушка АК-47, позната како калашников. Во пораките навел и дека има нарушено психичко здравје.
Според информациите од истрагата, осомничениот како инспирација го навел масакрот од 14 декември 2012 година во САД, кога Adam Lanza во основно училиште уби 26 лица, од кои 20 деца.
Акција по дојава од САД
По добиени информации од Амбасадата на САД во Скопје дека ФБИ побарало итна идентификација на „Discord“ профил лоциран во земјава од кој биле упатени заканите, Министерство за внатрешни работи на Северна Македонија во координација со Основно јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција презеле мерки за откривање на сторителот.
На 17 февруари 2026 година, по наредба на јавен обвинител, полициски службеници од Одделот за сузбивање организиран и сериозен криминал, со асистенција на специјалната единица САЕ Тигар, извршиле претрес во дом и други простории во Мала Речица.
Пронајдено оружје и опрема
При претресот биле пронајдени и одземени:
- секира
- пет ножа со различна должина
- телескоп
- седум iPhone мобилни телефони
- компјутер
Од таткото на осомничениот бил одземен пиштол со дозвола и повеќе парчиња муниција.
Дополнително, кај дедото биле пронајдени пиштол и автоматска пушка без дозвола, по што против него е поднесена кривична пријава до Основно јавно обвинителство Тетово за кривично дело недозволено изработување, држење и тргување со оружје.
Одреден притвор
Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка при Основен суд Скопје доставил предлог за определување мерка притвор против осомничениот. Предлогот е прифатен и му е одреден притвор во траење од 30 дена.

















