Почнувајќи од полноќ, Унгарската влада ќе ги ограничи цените на бензинот и дизелот на бензинските пумпи, соопшти премиерот Виктор Орбан од Будимпешта.
Одлуката следи по скокот на глобалните цени на нафтата, предизвикан од конфликтот меѓу САД и Израел против Иран, кој започна на 28 февруари и сериозно ја погоди производната и транспортната инфраструктура за нафта и гас.
Според Орбан, цената на бензинот ќе биде ограничена на 595 форинти (1,5 евра) за литар, а дизелот на 615 форинти (1,56 евра) за литар. Ограничувањето ќе важи само за возила со унгарски регистарски таблички и соодветни документи за регистрација.
Премиерот истакна дека Унгарија ќе ги користи своите резерви на нафта за да обезбеди соодветно снабдување и ги повика институциите на Европската унија да ги укинат санкциите врз руските фосилни горива, со цел ублажување на последиците од поскапувањето на енергенсите предизвикано од војната на Блискиот Исток.


















