Американскиот претседател Доналд Трамп се огласи од Белата куќа со тврдење дека Иран повторно покажал интерес за договор со САД. Според неговата изјава, повик од иранска страна пристигнал утрово, а пораката, како што рече, била јасна – Техеран сака да се дојде до решение.
Трамп истакна дека американскиот потпретседател Џ.Д. Венс, заедно со Стив Виткоф и Џаред Кушнер, завршиле добра работа за време на разговорите во Пакистан. Според него, главната пречка и понатаму останува истото прашање – нуклеарната програма на Иран.
Тој повтори дека Вашингтон нема да прифати никаков договор доколку Иран не се откаже од можноста да поседува нуклеарно оружје. Во својата изјава, Трамп порача дека по многу точки веќе постои приближување, но дека токму ова прашање останува клучно за конечен договор.
Американскиот претседател се осврна и на состојбата во Ормускиот теснец, нагласувајќи дека блокадата останува во сила. Според него, САД нема да дозволат ниту една држава да го користи овој стратешки премин како средство за притисок врз светот.
Трамп додаде дека, иако некои земји понудиле помош околу блокирањето на теснецот, Америка има капацитет и самостојно да ја спроведе таа политика. Воедно, порача дека сака кризата да заврши што е можно поскоро, но не по цена што би му овозможила на Иран да ја задржи нуклеарната закана.
Со оваа порака од Вашингтон, јасно е дека и покрај силната реторика, дипломатската игра сè уште не е завршена.









