Безбедноста со години е главната причина поради која Молдавија се стреми кон членство во Европска унија, но сега оваа држава тврди дека може и самата да придонесе за стабилноста на Европа. Од Кишињев нудат помош за земјите каде што претстојат избори, особено во борбата против дезинформации и кампањи за дестабилизација поврзани со Русија.
Заменик-премиерката за европски интеграции, Кристина Герасимов, истакнува дека приклучувањето на Молдавија во ЕУ не е само гаранција за нејзината безбедност, туку и значајна инвестиција во стабилноста на целиот континент. Земјата, сместена меѓу Романија и Украина, веќе подолго време се соочува со различни форми на т.н. хибридно војување.
Советникот за национална безбедност, Станислав Секриеру, објаснува дека Молдавија стекнала практично искуство во справување со вакви закани, вклучително и сајбер напади, обиди за манипулација со избори и ширење дезинформации. Според властите, Русија стои зад кампањи за мешање во изборите во 2024 и 2025 година, што Москва го негира.
Дополнително, молдавските институции откриле и прекугранична мрежа за обука на лица во Босна и Херцеговина и Србија, каде наводно биле обучувани за активности поврзани со дестабилизација во европски земји како Франција и Германија. Обуките вклучувале користење дронови, ракување со запаливи средства и избегнување на безбедносни служби за време на протести.
Во меѓувреме, политичката сцена во Европа се соочува со нови предизвици. Во Унгарија претстојат избори кои се сметаат за клучни во однос на геополитичката ориентација на земјата – дали ќе остане блиска до ЕУ или ќе се приближи кон Москва. Премиерот Виктор Орбан е меѓу најгласните противници на проширувањето на Унијата, особено кога станува збор за Украина.
Следната година избори се очекуваат и во неколку големи европски држави, вклучително Франција, Италија, Шпанија и Полска, каде властите веќе предупредуваат на можни обиди за влијание преку дезинформации.
Претседателката на Молдавија, Маја Санду, во своите настапи пред европските лидери потенцира дека оставањето на земји како нејзината надвор од ЕУ може да има сериозни последици за безбедноста на регионот. Таа предупредува дека ваквиот пристап може да создаде простор за зголемено влијание на Кремљ и дополнителна нестабилност во источна Европа.
Во документ споделен со европските институции, молдавските власти предупредуваат дека пропуштањето на можноста за интеграција може да доведе до зајакнување на популистичките сили, што индиректно би им одело во прилог на руските интереси и би имало долгорочни последици врз безбедноста на континентот.










