Војната меѓу Иран, САД и Израел влезе во 28-от ден, а тензиите дополнително се заоструваат со нови закани, воени подготовки и дипломатски обиди за смирување на конфликтот.
Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека Иран „моли за договор“, додавајќи дека преговорите напредуваат. Според него, делумното дозволување на премин на нафтени танкери низ Ормускиот теснец е „добар знак“. Тој најави и пауза на нападите врз енергетските објекти во траење од 10 дена.
Од друга страна, од Техеран порачаа дека прекин на конфликтот ќе има само под нивни услови.
Германскиот министер за надворешни работи Јохан Вадефул изјави дека меѓу САД и Иран веќе имало индиректни контакти и дека е можен скорешен состанок во Пакистан.
Воздушниот сообраќај под притисок
Поради безбедносната состојба, Европска агенција за безбедност на воздухопловството издаде итно предупредување до авиокомпаниите да го избегнуваат воздушниот простор над Иран, Израел и делови од Персискиот Залив до 10 април.
Глобалниот авио-сообраќај е сериозно нарушен – многу летови се откажани, а клучни центри како Дубаи, Доха и Абу Даби се погодени. Цената на авионското гориво, пак, е тројно зголемена од почетокот на конфликтот.
Нови закани и воени подготовки
Израелскиот министер за одбрана Израел Кац изјави дека Иран ќе „плати висока цена“ за нападите врз израелски цели и најави проширување на воените операции.
Во меѓувреме, САД го зголемуваат военото присуство во регионот, со најавено распоредување на делови од елитната 82. воздушно-десантна дивизија.
Иран, пак, предупреди дека ќе возврати на секое проширување на конфликтот, а неговите власти најавија ограничувања за бродови поврзани со „непријателски земји“ во Ормускиот теснец.
Светот стравува од нова ескалација
Полскиот премиер Доналд Туск предупреди дека во наредните денови е можна нова ескалација, додека рускиот функционер Дмитриј Медведев оцени дека мирно решение сè уште не е на повидок.
Во меѓувреме, конфликтот веќе има глобални последици – од раст на цените на енергенсите до протести, како оние во Манила, каде граѓаните реагираат на енергетската криза.
Состојбата на Блискиот Исток останува неизвесна, со паралелни процеси на преговори и закани за нови напади, што го држи светот во исчекување на следниот потег.



















