Војната меѓу Израел и Иран веќе има сериозни финансиски последици, покажуваат најновите проценки на израелското Министерство за финансии. Според прелиминарните податоци, досегашните трошоци достигнале околу 35 милијарди шекели, што изнесува повеќе од 11,5 милијарди долари.
Најголемиот дел од оваа сума, односно околу 22 милијарди шекели, се однесува на безбедносниот сектор. Во тие средства се вклучени трошоците за војската, Министерството за одбрана, полицијата и другите безбедносни институции. Значителен дел е насочен кон набавка на воена опрема и активирање на резервниот состав.
Покрај тоа, околу 12 милијарди шекели се издвоени за покривање на штети предизвикани од ракетни напади, како и за исплати кон работници и компании погодени од кризата. Дополнителни средства се наменети за цивилни потреби, како медицинска грижа, поддршка за повредени лица и помош за локалните заедници.
Од Министерството предупредуваат дека ова се само почетни проценки и дека вкупната сума може значително да порасне доколку конфликтот продолжи. Во меѓувреме, овие трошоци веќе се вклучени во буџетските планови за 2026 година, што покажува колкав товар претставува кризата за државните финансии.










