Европската комисија упати сериозно предупредување до граѓаните и владите низ Европа, повикувајќи на итни мерки поради продлабочената енергетска криза што се поврзува со конфликтот во Персискиот Залив.
Граѓаните се советуваат да работат од дома каде што е можно, да го намалат патувањето и да користат помалку гориво, додека земјите членки се повикуваат да го забрзаат преминот кон обновливи извори на енергија. Ситуацијата, според европските претставници, е сериозна и може да има долгорочни последици.
Во обраќање кое многумина го споредуваат со пораките за време на КОВИД-19, европскиот комесар за енергетика Дан Јергенсен истакна дека кризата нема брзо да заврши.
Тој нагласи дека дури и ако дојде до мир во краток рок, враќање во нормала нема да има во скоро време. Затоа, според него, секоја заштеда на нафта – особено дизел и авионско гориво – е од клучно значење.
Како дел од препораките, се предлага намалување на брзината на автопатите, поголема употреба на јавен превоз, споделување возила и примена на поефикасни навики за возење. Овие мерки имаат за цел да го намалат притисокот врз енергетските ресурси во време кога побарувачката расте, а снабдувањето е неизвесно.
На подолг рок, Европската комисија инсистира на значително зголемување на инвестициите во обновлива енергија, со цел Европа да стане поенергетски независна и помалку ранлива на глобални кризи.
И покрај сериозноста на ситуацијата, состанокот на министрите за енергетика од ЕУ завршил без конкретен пакет мерки. Сепак, најавено е дека наскоро ќе бидат презентирани заеднички решенија на ниво на Унијата.
Стравувањата се дека светот може да се соочи со енергетска криза што ќе ги надмине дури и нафтените шокови од 1970-тите. Од почетокот на нападите врз Иран, цените на нафтата и гасот значително пораснаа, делумно поради ризикот за снабдувањето преку Персискиот Залив, каде се наоѓа значаен дел од глобалните резерви.
Во разговорите меѓу европските претставници биле опфатени и можности за државна помош, развој на нуклеарна енергија, зголемување на употребата на биогорива и зајакнување на заштитата на енергетската инфраструктура.
Иако очекувањата за конкретни одлуки биле ниски, главната цел била координација и подготвеност за сценарио кое може сериозно да ја погоди економијата и секојдневниот живот низ Европа.








