Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен порача дека земјите членки на Европската Унија мора тесно да се координираат околу цените на енергијата, откако трошоците за увоз на фосилни горива во ЕУ пораснале за повеќе од 22 милијарди евра од почетокот на војната со Иран. Таа предупреди дека сегашниот притисок врз енергетскиот пазар бара заеднички, а не изолирани потези од секоја држава поединечно.
Фон дер Лајен објасни дека Брисел веќе разгледува координирано полнење на складиштата за гас во земјите членки, за да не се случи повеќе држави истовремено да излезат на пазарот и така дополнително да ги кренат цените. Истовремено, Европската комисија планира и усогласено ослободување на нафтените резерви, со цел да се постигне што е можно поголем ефект без да се наруши единствениот европски пазар.
Таа најави дека Европската комисија на 22 април ќе излезе со конкретни предлози за справување со енергетскиот ценовен шок, а тие потоа ќе бидат тема на разговор на неформален самит на лидерите на ЕУ. Покрај итните чекори, Брисел паралелно подготвува и поширока стратегија за електрификација, која треба да биде презентирана пред летото, како дел од обидот Европа постепено да ја намали зависноста од скапите фосилни горива.
Пораката од Брисел доаѓа во момент кога енергетската нестабилност повторно ја тресе Европа, а цените на нафтата и гасот остануваат чувствителни на секоја нова ескалација на Блискиот Исток. Европската комисија и претходно предупреди дека иако засега нема ризик од недостиг на гас, последиците од кризата може да траат подолго и затоа подготовките за зимата мора да почнат навреме.









