Македонскиот таеквондо ас Дејан Ѓеоргиевски повторно ја потврди класата, освојувајќи златен медал на „Skopje Open 2026 – G1“, турнир со 1.000 натпреварувачи од 41 држава кој носи бодови за олимписка норма.
Како што објави градоначалникот на Општина Бутел, Дарко Костовски, Ѓеоргиевски до титулата стигна со четири фуриозни победи. Во првата борба го совлада Абдула Ал Магди од Австрија, во следната елиминиран беше европскиот шампион Иван Шапина од Хрватска, а во полуфиналето падна и бронзениот светски медалист Пашко Вожиќ, исто така од Хрватска. Во финалето, со доминантен настап, Ѓеоргиевски го порази Илиа Рудерман од Израел и го донесе златото за Македонија на домашен терен.

Одлични вести пристигнаа и од таборот на ТК Бутел. Ведрана Тунески (кадетки -51 кг) стигна до сребрен медал со три победи – против Лидија Алексиу и Марија Јоаниду од Грција, како и против Теодора Јанковиќ од Србија. Во финалето беше поразена од Викторија Кулишева од Бугарија.

Првиот медал за ТК Бутел на турнирот го донесе Теодор Стојановски (јуниори -63 кг), кој освои бронза со две победи: 2:0 против Георги Георгиев од Бугарија и 2:0 против Фран Душак од Хрватска, пред поразот во полуфиналето од Мигел Санчез од Шпанија.

Македонија со силен настап и медали испрати јасна порака: класата е вечна, а бодовите за олимписката трка продолжуваат да се собираат.
ПОГЛЕДНЕТЕ ГО ВИДЕОТО ТУКА










