За првпат во Северна Македонија ќе се одржат „Спортските игри за млади“, проект кој има за цел да ги обедини децата од целиот Балкан под покровителство на Министерството за спорт.
Преку приклучувањето кон оваа иницијатива, Македонија станува дел од големото регионално спортско семејство во кое веќе се вклучени Хрватска, Словенија, Србија и Босна и Херцеговина.
По повод официјалното приклучување, премиерот Христијан Мицкоски организираше прием за федерациите кои го поддржуваат проектот.
„Како претседател на Фудбалска федерација на Македонија, ми претставуваше чест што заедно со селекторот на А репрезентацијата, Гоце Седлоски, ја претставувавме ФФМ и ја дадовме нашата поддршка. Верувам дека преку вакви иницијативи создаваме нови пријателства, градиме здрави навики и испраќаме силна порака дека спортот обединува. Децата се нашата иднина, а спортот е нивниот најубав пат кон успехот“, истакна Масар Омерагиќ.
Проектот е поддржан и од македонски спортски легенди како Петар Наумоски, Индира Кастратовиќ и Игор Стефановски-Иџе, како и од познати регионални и европски спортски имиња: Жељко Обрадовиќ, Аљоша Асановиќ, Славен Билиќ, Предраг Мијатовиќ, Веселин Вујовиќ, Предраг Даниловиќ, Шиме Врсаљко и Стипе Плетикоса.

Во Владата на Северна Македонија, официјално беше потпишан договор меѓу Елена Мицковска и Здравко Мариќ, со што Македонија стана дел од оваа најголема младинска спортска манифестација во Европа, под покровителство на Меѓународен олимписки комитет, Европска комисија и други значајни организации.
Со официјалното приклучување, Македонија станува дел од големо балканско спортско движење со цел да ги обедини младите преку фер-плеј, пријателство и здрави животни вредности, поттикнувајќи здрави навики и тимски дух од најмала возраст.


















