Барселона славеше со 3:0 против Атлетико Мадрид во реваншот од полуфиналето на Купот на Кралот, но победата не беше доволна за пласман во финалето. Пресудна се покажа убедливата предност на „јорганџиите“ од првиот натпревар, кога Атлетико триумфираше со 4:0 и со вкупни 4:3 го завери билетот за финалниот меч.
На „Камп Ноу“ Барселона речиси целиот натпревар диктираше темпо, напаѓаше во бранови и создаваше шанси, но на спротивната страна блескаше голманот Хуан Мусо, кој со низа интервенции го држеше Атлетико во игра. Каталонците упатија 21 удар кон голот, девет во рамките, и изведоа 14 корнери, додека Атлетико се потпираше на контранапади и имаше осум удари, од кои два во рамките на голот.
Барселона поведе во 30. минута по акција во која Јамал центрираше, а Бернал од непосредна близина ја смести топката во мрежата. На крајот од првото полувреме Барса доби пенал, кој Рафиња го реализираше за 2:0. Во продолжението, домашните продолжија да притискаат, а Бернал повторно погоди во 72. минута за конечни 3:0, но Атлетико ја сочува вкупната предност.
Во финалето Атлетико ќе игра со победникот од баскиското дерби меѓу Реал Сосиедад и Атлетик Билбао, каде по првиот меч Сосиедад води со 1:0.


















