Ред Бул е на врвот на листата на највредни договори со генерални спонзори во Формула 1 за 2026 година, откако според „RacingNews365“ и новите извештаи за продолжената соработка со „Оракл“, тимот ќе инкасира околу 110 милиони долари годишно. Со тоа, актуелниот шампион повторно го поставува стандардот кога станува збор за спонзорски приходи во шампионатот.
Зад Ред Бул следува Ферари, чиј договор со ХП е проценет на 100 милиони долари годишно. Мекларен е на третото место со околу 90 милиони од „Мастеркард“, додека Мерцедес заработува околу 80 милиони долари од „Петронас“. На листата веднаш зад нив се Ауди со „Револут“ и Астон Мартин со „Арамко“, со проценети по 75 милиони долари годишно.
Овие бројки уште еднаш покажуваат дека Формула 1 одамна не е само спорт, туку и огромна бизнис-индустрија во која главните спонзорски договори носат суми што можат директно да влијаат врз развојот на тимовите, маркетингот и долгорочната конкурентност. Разликите меѓу тимовите на патеката сè почесто се следат и преку бројките надвор од неа.
Новата сезона во Формула 1 стартува претстојниот викенд со Големата награда на Австралија, која официјално е закажана од 6 до 8 март 2026 година.


















