Истакнатиот француски актер Арно Дени, чие име со години беше поврзувано со театарската уметност и префинетите интерпретации на класични дела, денес се наоѓа во центарот на една длабоко потресна и контроверзна приказна. По серија здравствени компликации што драстично му го променија животот, тој се подготвува за евтаназија во Белгија.
На само 42 години, актерот донел одлука што отвора бројни прашања – не само за неговата лична судбина, туку и за системот во кој се лекувал. По неуспешна операција за ингвинална хернија во 2023 година, при која му била вградена хируршка мрежа, неговата состојба нагло се влошила и започнал период што самиот го опишува како постојана агонија.
Познат по своите адаптации на делата на Оскар Вајлд, Дени со години бил ценет и од публиката и од критиката. Но, наместо сцена и аплаузи, неговото секојдневие постепено се претворило во борба со болка и изолација.
Тој сведочи дека по операцијата почнал да чувствува постојани болки во стомакот, проследени со уринарни и невролошки проблеми, како и значително губење на телесната тежина. Состојбата дополнително се комплицирала, а како што вели самиот, имал чувство дека неговото тело постепено откажува.
„Повеќе не можам да излезам од дома, немам социјален живот, немам никаков живот“, изјавил актерот, опишувајќи ја состојбата во која, според него, исчезнало и основното човечко достоинство.
Во обид да најде решение, заминал и во Соединетите Американски Држави, каде што му била извршена скапа операција за отстранување на имплантот. Иако првично почувствувал подобрување, симптомите брзо се вратиле. Лекарите се посомневале на редок имунолошки синдром, но во Франција оваа состојба не се признава како официјална болест, а производителот на имплантот ја отфрлил одговорноста.
Со текот на времето, Дени станал гласен критичар на медицинскиот систем. Тој јавно зборувал за своето искуство, но и за страдањата на други пациенти со слични проблеми. Основал група во која се приклучиле луѓе со идентични компликации, барајќи поголема транспарентност и одговорност.
Како што здравствената состојба му се влошувала, актерот сè поотворено зборувал за можноста да стави крај на својот живот. Во интервју за Л Дофин Либере, изјавил дека човек длабоко во себе знае кога повеќе нема излез – зборови што силно одекнале во јавноста.
Во текот на 2026 година, тој започнал официјална постапка за евтаназија во Белгија, земја каде што законот дозволува ваква практика под строго утврдени услови. Својата одлука ја објаснува не само со физичката болка, туку и со чувството дека животот во таква состојба ја губи својата смисла и достоинство.
Истовремено, неговата борба не завршува со личната приказна. Дени активно се залага за реформи во третманот на хернија во Франција, построга контрола на медицинските импланти и поголема информираност за ризиците. Тој најавил и правни постапки против производителите, како и учество во колективни тужби поврзани со медицински пропусти.
Иако се повлекол од сцената, продолжил да зборува јавно и да ја споделува својата секојдневна борба. Неговиот случај отвори широка дебата во Франција – за безбедноста на рутинските операции, за правата на пациентите, но и за етичките дилеми околу евтаназијата.
Во 2025 година, Л Монд го опиша како уметник „распнат помеѓу светлината на сцената и темнината на страдањето“, симболично прикажувајќи ја неговата животна драма која сè уште одекнува во јавноста.



















