Парис Џексон, ќерката на кралот на поп-музиката Мајкл Џексон, е вклучена во правен спор со извршителите на неговото наследство, вредно повеќе од три милијарди долари. Таа оспорува распределба на средствата, високите адвокатски хонорари и недостатокот на транспарентност, додека извршителите тврдат дека веќе значително профитирала од имотот на својот татко. Сепак, наследството што Џексон го оставил се покажало како многу профитабилно за неговото тројце деца, а судските документи откриваат каде одат парите.
Парис Џексон на неодамнешното рочиште ги критикувала двојцата извршители кои управуваат со имотот на нејзиниот покоен татко, тврдејќи дека ја „злоставуваат“ поради нејзините прашања за трошоците.
Нејзините тврдења уследиле откако извршителите рекле дека Парис е „повеќе заинтересирана да се обрати на медиумите отколку да го решава проблемот“. Според судските документи објавени од TMZ, Парис и нејзиниот правен тим тврдат дека извршителите, Џон Бранка и Џон Меклејн, поднесуваат судски документи во кои „искривуваат слика за неа и ја омаловажуваат“. Од друга страна, Бранка и Меклејн тврдат дека Парис и нејзиниот тим шират неточни информации за случајот во медиумите.
Извршителите тврдат дека, иако Парис Џексон „тврди дека не сака случајот да биде во медиумите, нејзиниот медиумски тим се обидува да претстави сосема рутински судски одлуки како некаква сензационална одлука во нејзина корист“.
Како што претходно извести TMZ, Парис и извршителите се во конфликт околу исплатите на адвокатските фирми кои работеле за имотот, при што на судот се поставува прашањето за големи бонуси и надоместоци.
Бранка и Меклејн тврдат дека нивната работа го трансформирала наследството од банкротирано во имот вреден милијарди долари. Исто така, наведуваат дека Парис имала корист од нивната работа. Во новиот поднесок, тимот на ќерката на Мајкл Џексон наведе дека „извршителите се обидуваат да ја избегнат суштината на проблемот претставувајќи ја како мотивирана од адвокат или како дел од наводна желба за медиумско внимание.“ Додадоа дека „судската борба е болна“ и дека „го нарушува нејзиниот живот и кариера“.
Нејзиниот тим тврди дека користењето на медиумите од страна на Бранка „за напад врз ќерката на Мајкл Џексон е неприфатливо“, инсистирајќи дека тврдењата на извршителите дека тие исто така користат медиуми заради публицитет се „неосновани“.
Парис Џексон и нејзиниот тим тврдат дека извршителите користат „пари од нејзиниот татко за да ја нападнат во медиумите“, и дека веруваат дека извршителите се обидуваат да ја уценуваат да се откаже. Извршителите претходно во судот ги отфрлиле нејзините тврдења.
„Живее како рокер“ Адвокатот Џонатан Стајнсапир, кој го застапува имотот, претходно изјави за TMZ дека „никој од фондацијата и извршителите не дал подароци на никого“.
„Исто така, ниедна исплата никогаш не била забранета од судот ниту утврдена како неовластена. Тие секогаш биле внимателни и совесни во сите свои постапки. Неверојатно е што Парис Џексон, преку своите адвокати, изнесе овие лажни и неосновани приговори, со оглед на тоа што таа веќе имала корист и ќе продолжи да има корист од посветената и неуморна работа на извршителите на имотот. Парис Џексон веќе добила околу 65 милиони долари и се очекува да наследи уште стотици милиони“, наведуваат тие.
Тој додаде дека во моментот на смртта на Мајкл, неговото наследство било задолжено со 500 милиони долари и на работ на банкрот, но извршителите „успеле да го превратат во имот кој денес носи милијарди долари“.










