Еден од повредените во трагичниот пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани, Драган Давитковски, зборува за текот на своето закрепнување и состојбата на другите повредени.
„Животот продолжува понатаму. Имам изгореници и внатрешни повреди. Одиме во Скопје на ласерски третмани, а пулмолози доаѓаат во Кочани и нѐ прегледуваат во болницата“, изјави Давитковски, додавајќи дека првите денови по несреќата биле најтешки, но сега постепено се чувствува подобро.
Тој истакна дека повредените меѓусебно се поддржуваат: „Ние повредените се знаеме, летото бевме на Пониква. Ова ни е прво спортско дружење. Јас на сите сакам да им посакам побрзо оздравување.“
На прашањето како гледа на иднината, Давитковски признава дека и покрај тешкотиите мора да се продолжи напред: „Малку тешко, ама мора да продолжи.“
Тој раскажа и за моментите во дискотеката: „Бев на концерт, отидов околу 1:30 часот и за еден и пол час се случи тоа што се случи. Бев со сопругата и со другари. Од нашата маса има двајца починати.“
Повредите и траумата од трагедијата остануваат голем предизвик за него и другите преживеани, но Давитковски нагласува дека поддршката меѓу нив им помага да продолжат понатаму.
Извор: Скопје1.мк

















