На последната седница на Влада на Република Северна Македонија беше усвоена Програмата за финансиска поддршка во земјоделството за 2026 година, а една од мерките предвидува директни плаќања за производство на семенски материјал од тутун.
Според новата подмерка, право на финансиска поддршка ќе имаат земјоделските стопанства што се запишани во Регистарот на снабдувачи на семенски материјал и кои во текот на 2026 година произвеле семе од тутун од прва генерација (Ц1). Дополнително, неопходно е да поседуваат конечни сертификати во согласност со законските прописи за семенски и саден материјал.
Како прифатлива количина се признава максимум до 80 килограми по хектар пријавена површина. Финансиската поддршка изнесува 1.000 денари за секој произведен килограм сертифицирано семе од тутун, што претставува значителен поттик за производителите во овој сектор.
Крајниот рок за поднесување на барањата за оваа мерка е 5 ноември 2026 година.
Со оваа одлука, институциите имаат цел да го стимулираат квалитетното производство на семенски материјал и да обезбедат поголема конкурентност во тутунопроизводството.
















