Во обид да заштеди или возможно да избегне рестрикции, жител на скопското село Црешево со иницијали Т.К. е казнет со 200 евра откако бил фатен како полни свој приватен бунар со вода од јавниот водоводен систем.
Инспекторите реагирале веднаш, а случајот бил откриен во рамки на вонредна контрола спроведена од Секторот за инспекција при општина Гази Баба. Во населеното место Раштак дополнително биле откриени два диви приклучоци, кои веднаш биле санкционирани и исклучени од системот.
„Целта е да се спречат злоупотреби кои можат да доведат до недостаток на вода за поширок број граѓани“, истакнуваат од општината.
Контролите продолжуваат и во Булачани, Смилковци, како и останатите населени места во околината, каде што инспекциските екипи ќе вршат детални проверки на приклучоците и потрошувачката.
Ситуацијата го поттикна и градоначалникот на Гази Баба, Бобан Стефковски, да реагира јавно:
„Како градоначалник, нема да дозволам граѓаните да страдаат поради несовесни поединци! Ќе преземам сè што е во моја надлежност. Ги повикувам и ЈП ‘Водовод и канализација’ и Град Скопје да постапат соодветно и итно“, порача тој.
Стефковски побара конкретни чекори со цел жителите на Автокоманда, Ченто, Маџари, Железара и Хиподром да не останат без вода, особено во текот на летните месеци кога потрошувачката е значително зголемена.
Апел до граѓаните: Да не се поврзуваат нелегално на водоводната мрежа, бидејќи освен што тоа е казниво, претставува директна закана за стабилноста на целиот систем и заедничкото добро.