ПРВ.мк
Македонија

Што се слуша зад затворени врати: 259 прислушувања за една година, бројките откриваат сè

Што се слуша зад затворени врати: 259 прислушувања за една година, бројките откриваат сè

Оперативно-техничката агенција (ОТА) во текот на 2025 година технички посредувала во активирање на вкупно 259 комуникации за потребите на надлежните институции, покажува годишниот извештај за нејзината работа. Најголемиот дел од мерките биле на барање на Министерството за внатрешни работи, додека останатите се однесуваат на Основното јавно обвинителство за организиран криминал и корупција и други овластени органи.

Од вкупниот број, 182 комуникации биле активирани за МВР, а 22 за обвинителството за организиран криминал. Останатиот дел, според законските одредби, не е детално објавен бидејќи се однесува на случаи поврзани со безбедноста и одбраната, за кои одлука носи Врховниот суд.

Следењето на комуникациите се реализирало преку повеќе телекомуникациски оператори во земјата, меѓу кои Телекабел, Неотел, А1 Македонија, Македонски Телеком и Мтел, во зависност од тоа каде биле регистрирани корисниците што биле предмет на мерките.

Во извештајот се наведува дека постапката за спроведување на ваквите мерки е строго регулирана со Законот за кривична постапка, при што судската наредба мора да содржи јасни технички и временски параметри, како и идентификација на комуникациите што се следат.

Во текот на годината биле спроведени и контроли кај операторите од страна на надзорна комисија на ОТА, при што биле изготвени посебни извештаи за нивната работа. Дел од забелешките не се јавно достапни.

Дополнително, во 2025 година била поведена и една дисциплинска постапка против вработен во агенцијата поради непочитување на работните обврски.

Извештајот за работата на ОТА треба да биде разгледан од собраниската Комисија за надзор над следењето на комуникациите на претстојна седница.

Најнови вести