Родителите на жртвите од дискотеката „Пулс“ во Кочани изразија големо разочарување по комеморативната седница што се одржа во Собранието по повод една година од трагедијата во која загинаа 63 лица.
Габриела Наунова, мајка на едно од загинатите девојчиња, изјави дека нивните очекувања и надежи „паднале во вода“.
– Комеморација за нашите деца – 63 жртви за една држава, со две страници читање, е голем удар за нас родителите. Ова не го очекувавме, ова е уште една голема рана за нас – рече Наунова.
Таткото на починатата Надица додаде дека очекувал секое дете да биде спомнато барем две минути и жртвите да бидат именувани со име и презиме.
– Една година чекавме државата да се одважи и да организира комеморација. Тоа требаше да се случи многу порано. Овој чин е многу задоцнет, но важен, бидејќи покажува дека трагедијата во „Пулс“ не е само семејна болка туку и институционална одговорност. Затоа очекуваме институциите што поскоро да ја преземат својата одговорност и конечно да има вистинска правда, како што рече и претседателот на Собранието, Гаши – рече Наунов.
Тој истакна дека комеморацијата била последна надеж за нив, но дека и таа е изгубена.


















